речник контакт

Победија ли велешани во битката против топилницата?

Со писмената поддршка која стигна од премиерот Никола Груевски, за велешани е симната дилемата дали топилницата ќе се рестартира на постојната локација.

Петар Печков

 Сплотеноста на граѓаните, на политичарите, единственоста која ја покажаа во изразувањето на револтот од најавите, дека загадувачот може повторно да проработи во нивниот двор, се покажа како рецепт за успех.  Велешките ,,зелени,, велат дека на 9-ти Ноември Денот на ослободувањето градот, тој повторно е ослободен но сега од загадувачот, овој пат  со еколошка револуција.

Го затвораме најцрното поглавје во историјата на градот, време кое донесе еколошка катастрофа, оптоварено со  неизвесноста и прашањето што ќе биде утре и со идните генерации. За прв пат во земјава се случи да излезат 20 илјади граѓани, со една мисла, со една цел, со една желба да не се рестартира топилницата за олово и цинк, овде и тука. Така ни се случи класичен пример на демократија, изразена преку гласот на народот и изградената еколошка свест. Тој се изрази преку начин, кој ќе биде репер за другите, кога е во прашање гласот на вистината. Ова е резултат на овие луѓе дел од граѓанскиот сектор, кои ќе останат запишани како  дел од првата еколошка револуција во Македонија.  Така народната реакција стигна до надлежните институции – рече Горан Петров градоначалник на Велес. 

Велешката ,,Зелена коалиција,, и општина Велес изразија благодарност за поддршката која во писмена форма ја испратија претседателот Иванов и премиерот Груевски. Тие јавно се заблагодарија и до бизнис секторот од градот, докторите, училиштата, спортистите како и до МПЦ и ИВЗ, кои несебично се дале во пишувањето на историјата на Велес.

Заради заштита, Советот од општина Велес започна со процедурата на измена на Генералниот Урбанистички план, со кој локацијата каде сега се наоѓа топилницата, се пренаменува во место каде ќе се градат   мали и средни претпријатија а велешани ќе ја најдат својата работна егзистенција. Како место каде овој капаците на обоената металургија може натаму да работи, велешките ,,зелени,, ги посочија економските зони каде има и простор и инфраструктура за непречена работа, а нема никого да загадува.
      

Благодарност за велешани кои не поддржаа на сите протести до 1998-та година до овој последниот. Ова е пример како се сака и брани родниот град. Ова е почетокот на крајот на нашата борба. По  изјавите на Груевски и Иванов, не можеме да го криеме нашето задоволство, но очекуваме да биде тоа спроведено и на дело, преку надлежните институции. Победата е заедничка. Додека не почне да се  сече топилницата, остануваме и натаму подготвени да го браниме родниот град. Граѓаните во овие осум години, додека таа не работи, видоа како изгледа Велес без топилница и затоа силно и бројно порачаа дека не ја сакаат – рече Ненад Коциќ дел од Зелената коалиција.

Во неа влегуваат седум граѓански здруженија заедно со Општина Велес. Таа е формирана од 2002-та. Во овој период тие добивале писмени и телефонски закани, скршени прозори,  запалени домашни врати, приведувани во полиција, навредувани и омаловажувани.

АНКЕТА »

Дали ФК Борец ќе го мине баражот и од есен ќе игра во Втората фудбалска лига?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »